среда, април 17, 2024
spot_img
Повеќе

    „Богословец“ – прв приватен ветерен парк во земјава

    Станува збор за инвестицијата во вредност од 61 милион евра, која би стартувала пролетта 2025 година 

     

    Најавена е нова инвестиција – прв приватен ветерен парк во државава. Паркот ќе се гради во близина на селото Богословец, кај Свети Николе, а инвестицијата е во вредност од 61 милион евра.

    Се очекува пролетта 2025 година проектот да биде ставен во функција и во наредните 25 години да овозможи зелена енергија за околу 20 илјади домаќинства во државата.

    „Првиот приватен парк на ветерници во земјава ‘Богословец’, во приватна сопственост, денеска станува реалност. Овој проект е исклучителен  придонес кон пренасочување на нашето национално производство на електрична енергија кон обновливи извори и надополнување на електричното произвдоство приклучено на државниот оператор. Ветропаркот ‘Богословец’, со предвидените осум турбини и моќност од 36 мегавати, ќе го удвои постојниот ветерен капаците во земјата и ќе придонесе кон намалување на CО2 емисите од над 87.000 тони годишно“, рече премиерот Зоран Заев, на свеченоста во Скопје, по повод стартот на инвестицијата.

    Министерот за економија Крешник Бектеши потенцираше дека изградбата на ветерната електрана „Богословец“ е инвестиција на домашна компанија, со која ќе се зголеми учеството на енергија произведена од ветерни електроцентрали во државата за дополнителни 36 мегавати. 

    „Ова нека биде пример за сите домашни стопанственици, но секако и за странските кои се повеќе од добредојдени да инвестираат во нашата држава во обновливите извори на енергија, бидејќи нашите закони тоа веќе го овозможуваат“, рече Бектеши.

    Владата ја одобри изградба на ветерниот парк на барање на „Тор Импекс“, проектна компанија што го развива проектот за „Богословец“. „Siemens Gamesa“ ќе произведува и ќе инсталира осум ветерни турбини на локацијата. Напојувани од ротори со дијаметар од 145 метри со висина на јарбол од 102,5 метри, овие турбини ќе имаат вкупен капацитет од 36 MW откако ќе се активираат.

    Проектот „Богословец“ треба да придонесе за  поставените цели на државата да го пренасочи национално производство на електрична енергија, во кое сè уште доминира кафеав јаглен, кон зелени извори.

    НАЈНОВИ ВЕСТИ