среда, април 24, 2024
spot_img
Повеќе

    Ќе ја покачи ли РКЕ цената на струјата, и покрај понискиот ДДВ

    Бислимоски вели дека намалувањето на ДДВ е едно од решенијата што регулаторот го понуди пред една година, како можност да се заштитат домаќинствата во самиот процес на либерализација на пазарот на електрична енергија

     

    Министерот за економија, Крешник Бектеши се надева дека Регулаторна комисија за енергетика нема да ја зголеми цената на електричната енергија, иако ЕСМ и МЕПСО побараа покачување. Тој посочи дека Влада донесе одлука за намалување на ДДВ на струјата од 18 на 5  проценти, што е во прилог на граѓаните, со цел помали трошоци во постковид периодот.

    „Наша цел како Влада е да имаме сигурно снабдување на сите домаќинства и тоа веќе го остваруваме. Оваа одлука е да им се излезе во пресрет на сите граѓани и на домаќинствата за да не се зголеми цената на струјата. Јас сум убеден дека, имајќи ги во предвид сите параметри, наредната одлука на Регулаторната комисија ќе биде да нема зголемување на цената на електричната енергија“, изјави Бектеши.

    Претседателот на РКЕ, Марко Бислимоски, вели дека намалувањето на ДДВ е едно од решенијата што регулаторот го понуди пред една година, како можност да се заштитат домаќинствата во самиот процес на либерализација на пазарот на електрична енергија

    „Нашите тимови, кои прават сеопфатни анализи, во координација со Енергетската заедница, проценија пред една година дека е неопходно да се донесат системски решенија, што освен намалување на ДДВ ќе опфатат и проширување и зајакнување на поддршката на ранливите категории во плаќањето на сметките за електрична и  топлинска енергија. Секој потег што нуди решение за заштита на стандардот на домаќинствата во процесот на енергетска транзиција -што значи струја од вода, ветер и сонце наместо од јаглен, покажува стратешки пристап во решавање на глобалниот предизвик за намалување на штетни емисии и заштита на животната средина“, изјави Бислимоски за МИА.

    Тој најави дека РКЕ ќе продолжи да ги афирмира и другите предлог-решенија. со цел заштита на потрошувачите.

    „Во тек се пресметките за цената на струјата во нашиот дел во кој што ние влијаеме, а тоа е 38 отсто во крајната цена. Децидно повторувам дека нема да се прифати тоа што го бараат компаниите. Во делот што ние го регулираме се земаат во предвид само трошоците кои се поврзани со процесот за производство на електрична енергија, а останатите 62 отсто ќе се додадат по завршување на тендер на Универзалниот снабдувач, на кој ЕСМ има обврска да понуди цена за минимум 70 отсто од потребната количина на конзумот домаќинства, потенцира Бислимоски.

    Владата претходно го утврди текстот на предлог-измените на Законот за данокот на додадена вредност. Според овој предлог, данокот на додадена вредност за прометот и увозот  на електричната енергија за домаќинствата треба да се намали од 18 на пет отсто за период од 1 јули 2021 до 30 јуни 2022, а за период од 1 јули 2022 до 30 јуни 2023 година даночната стапка ќе изнесува 10 проценти. По 1 јули 2023 година даночната стапка повторно треба да изнесува 18 отсто.

    Според Владата, целта на овие измени  на Законот за ДДВ е со пониски цени на електричната енергија да им се помогне на домаќинствата за намалување на нивните трошоци.

    Неодамна министерот за финансии Фатмир Бесими порача дека очекува до 1 јули годинава Собранието да ги  усвои измените и дополнувањата на Законот за ДДВ.

     

     

    НАЈНОВИ ВЕСТИ