четврток, март 28, 2024
spot_img
Повеќе

    Потпишани договорите за фотоелектраната во Осломеј: Инвестиција од 70 милиони евра и 100 нови вработувања

    По принципот на јавно приватно партнерство, денеска се потпиша договорот меѓу државната АД Електрани на Северна Македонија (ЕСМ), турската „Фортис Енержи Електрик“ и бугарската компанија „Солар про“, за изградба на фотонапонска електрана во РЕК Осломеј. Инвестиција „тежи“ 70 милиони евра и предвидува 100 нови вработувања. Оваа електрана се очекува да биде пуштена во употреба до крајот на годината.

    Како што истакна премиерот Зоран Заев кој присуствуваше на потпишувањето, станува збор за една од најголемите инвестиции во обновливите извори за производство на електрична енергија во земјава.

    -Фотонапонската електрана од 100 мегавати е конципирана како две постројки од по 50 мегавати. Двете компании на јавниот повик имаа најдобри понуди. Тие на ЕСМ ќе му исплаќаат надоместок за јавното-приватно партнерство во износ соодветен на 18 отсто и 18,50 проценти од произведената електрична енергија за час. Пресметките покажуваат дека заработка на државата би се движела до 1,5 милиони евра годишно. Колку поуспешно ќе работи нашиот приватен партнер толку подобро ќе биде и за нашата држава. Дополнително инвеститорите имаат обврска да земат по еден вработен по мегават, односно 100 вработени од Осломеј за трајно да ги обезбедиме тие наши сограѓани. Тоа само ја потврдува Северна Македонија како одлична дестинација за инвестиции во фотонапонски централи, како и посветеноста на Владата во спроведување на правична енергетска трансформација, рече Заев.

    Директорот на ЕСМ Васко Ковачевски истакна дека во оваа инвестиција ова државно АД нема никаков паричен влог туку само дава локација, пристапен пат, анализа за условите за производство и балансирање енергија.

    Атила Учкардеш, сопственик на „Фортис енержи електрик“ и Константин Василев Ненов, управител на фирма ОСМ Солар-Скопје, во своите обраќања искажаа задоволство од транспарентната постапка за избор на компанија-инвеститор за фотонапонска електрана. Ненов потенцираше дека постигнатите резултати се пример во Југоисточна Европа.

    Премиерот Заев информира дека во државата во тек е процес на промена на јагленовите термоелектрани во фотонапонски и гасни електрани и ветерници. До 2030 година постепено ќе се затвораат термоелектраните, односно сите три блока во РЕК Битола и еден блок на РЕК Осломеј, а ширум државата ќе се градат фотоволтаици од вкупно 1.800 мегавати.

    НАЈНОВИ ВЕСТИ