петок, април 19, 2024
spot_img
Повеќе

    Почна постапка за одземање лиценци за трговија со мазут на четири компании

    Прекршочни казни, привремени забрани за работа и за пуштање во промет на производи, постапки за одземање лиценци, се некои од мерките што ги презеде Владата

     

    Почна постапка за одземање лиценци за трговија со нафтени деривати, пред сè мазут, на четири компании, соопшти претседателот на Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ) Марко Бислимовски, откако вицепремиерот Љупчо Николовски и министерот Крешник Бектеши ги објавија резултатите од контролите што ги направија владините институции.

    При контролите било утврдено дека  компаниите ги немаат потребните законски резерви и тие во рок од седум дена треба да дадат образложение до РКЕ.

    „РКЕ почна постапка за одземање лиценци на носители на лиценца за трговија со нафтени деривати на големо и тоа на: „РКМ ДООЕЛ Скопје“, „Супертрејд“, „Пертинакс“ и „Лил-оил ДБ Кавадарци„ поради непоседување оперативни резерви на мазут. Овие неусогласености се нотирани од Државниот пазарен инспекторат  и за тоа е известена РКЕ. Согласно правилникот за нивото и начинот на пресметка на оперативните резерви, овие компании се обврзани да обезбедат петдневни резерви во текот на оваа година во зависност од потрошувачката што ја имале во 2020 година“, рече Бислимовски.

    Фирмата „Евротим“, пак, рече тој, е под целосен мониторинг и одлуката дополнително ќе се донесе. За оваа компанија, претходно, министерот  за економија информираше дека, покрај тоа што немала доволно резерви, утврдени се отстапки од граничните вредности на мазутот што го увезува, односно параметрите за квалитет на мазут не одговарале согласно Правилникот. Двете цистерни, од кои се земени мостри, а не одговарале на вредностите, се вратени кај добавувачот, а дополнително земена е мостра и од складиштето на компанијата за што анализите се очекуваат дополнително.

    „За ‘Евротим’, ДПИ има донесено забрана за пуштање во промет на мазутот кој се поседува во нивните резервоари. Во оној момент кога ќе ги добиеме податоците за квалитетот на земената мостра, РКЕ ќе продолжи со соодветни постапки согласно со своите надлежности утврдени во Законот за енергетика“, изјави претседателот на РКЕ.

    Во однос на чувањето резерви што е законска обврска, Бислимовски вели дека, иако многупати известувале, сега ќе преземат конкретни мерки, за нафтените деривати прво да влезат во складиштата, а потоа да се пуштаат во промет.

    Прекршочни казни, решенија за привремена забрана и пуштање во промет на производи, забрана за работа и покренување постапки за одземање лиценци, се дел од мерките што ги презеде Владата по новинарските истражувања за увозот на сомнителниот мазут.

    Резултатите од направените вонредни контроли, на прес-конференција, ги соопштија вицепремиерот Љупчо Николовски и министерот за економија Крешник Бектеши. Во контролите учествуваа и Царинската управа, Државниот пазарен инспекторат  Државниот инспекторат за животна средина и Бирото за метрологија. Собраните документации утрово завршиле и во Основното јавно обвинителство, кое понатаму треба да утврди дали има основи за кривично гонење и кај кого.

    За седум фирми се одредени прекршочните казниво вкупна висина од 55 510 евра. Тие се изречени поради немање резерви на мазут и неправилно водење на сметководствената евиденција во трговија на големо. Како што соопштија Николовски и Бектеши, седумте фирми за кои се изречени вакви прекршоци се: „РКМ ДООЕЛ“ (за немање резерви и неточно водење сметководство); „Супертрејд“ (за немање резерви); „Евротим“(за немање резерви); „Пертинакс-Скопје“ (за немање резерви); „Ли-оил ДБ Кавадарци“ (за немање резерви), „Блу технолоџи“ (за несоодветна сметководствена евиденција) и „Ка-оил Енерџи Кавадарци“ (за немање резерви, а утврдено е и дека вршела трговија за мазут без лиценца од РКЕ).

    За компанијата РКМ се изречени дополнителни давачки и прекршоци поради тоа што мазутот го декларирале како нафтен дериват за кој не е предвидено плаќање акцизи.

    НАЈНОВИ ВЕСТИ