сабота, април 20, 2024
spot_img
Повеќе

    Ќе бидат објавени имиња на компании во чиј мазут се утврдени неправилности при увозот

    Министерот за економија вели дека компаниите што не ги исполнуваат критериумите во правилникот, може да останат без лиценца или, пак, да добијат прекршочна казна, за што е надлежна РКЕ

     

    Kомпаниите што увезуваат мазут, што бил предмет на контрола и анализа од институциите, да побараат второ мислење кај независна лабораторија, доколку се сомневаат во наодите од подвижната државна лабораторија, вели министерот за економија, Крешник Бектеши. Тој, исто така, најави дека ќе објави имиња на компании во чиј мазут се утврдени неправилности при увозот. Притоа, како што рече,  ќе ги сподели и наодите од анализите што ги прават надлежните институции.

    Министерот за економија уверува дека процесот е транспарентен и неселективен, така што контроли се вршат кај увоз на нафтени деривати и во рамки на внатрешниот пазар, за период од три години. Според него, направени се контроли и кај дел од складиштата на компаниите што се занимаваат со продажба на мазут.

    Бектеши потенцира дека компаниите што не ги исполнуваат критериумите во правилникот, може да останат без лиценца за работа или, пак, да добијат прекршочна казна, за што е надлежна Регулаторната комисија за енергетика.

    Според Бектеши, Министерството за економија нема одговорност во аферата со квалитетот на мазутот, бидејќи ресорот е одговорен само за подзаконските акти, но не и во делот на контролата.

    „Правилникот, во делот на квалитет на течните горива, е целосно усогласен со барањата на Европската енергетска заедница. Во делот на спроведување и вршење контрола не е надлежно Министерството за економија. Има други надлежни институции кои директно одговараат пред Владата, но ние како одговорно Министерство секојдневно вршиме состаноци со цел да дојдеме до наоди каде имало пропусти. Сите информации кои ќе доставиме до надлежните институции. Министерството за економија не е јавно обвинителство“, рече Бектеши.

    Вицепремиерот Љупчо Николовски изјави вчера дека во вторник ќе се анализираат сите информации во врска со истрагата за увозот на течни горива, а наредниот ден Владата ќе излезе со информација за јавноста.

    Според Николовски, контроли се направени кај сите фирми кои увезуваат мазут и тој  најави дека секаде каде што има прекршок ќе има одговорност.

    Николовски информираше дека Владата веднаш интервенирала по информациите за постоење сомневања дека во одреден период во земјата биле увезувани токсични нафтени деривати, опасни по здравјето и животната средина, кои при увоз влегувале како мазут и се користеле како гориво за греење во повеќе државни институции, но и како гориво во приватни компании во земјава.

    НАЈНОВИ ВЕСТИ