четврток, април 25, 2024
spot_img
Повеќе

    Освен за мазутот, почнуваат вонредни контроли и за моторните бензини и дизелот

    Одлучни сме преку засилени контроли да избегнеме можни манипулации со квалитетот на горивата  кои се користат во нашата земја, велат министерот за економија и директорката на ДПИ

     

    Почнуваат засилени контроли на терен на сите видови нафтени деривати. Освен на мазутот и на моторни бензини и дизел, соопшти министерот за економија, Крешник Бектеши, на заедничката прес-конференција со вицепремиерот за антикорупција, Љупчо Николовски, и в.д. директорка на Државниот пазарен инспекторат (ДПИ), Анета Симеска-Димоска.

    За контрола на бензинот и дизелот се користи мобилната лабораторија на Бирото за метрологија, која е акредитирана. Од утрово се посетени три бензински пумпи, а како што најавија Бектеши и Симеска-Димоска, контролите ќе продолжат и во текот на денот.

    „Одлучни сме преку засилени контроли да избегнеме можни манипулации со квалитетот на горивата  кои се користат во нашата земја. На тој начин, не само што ќе се заштитат потрошувачите од манипулации, туку ќе се заштити и животната средина“, рече Бектеши.

    Според министерот, станува збор за бензински пумпи и увозници кои го покриваат најголемиот дел од пазарот во државата.

    „Денешните надзори се само почеток на вонредните надзори кои ќе продолжат од утре понатаму и ќе бидат дел од нашите приоритети на целата територија на државата … Со оглед дека лабораторијата е мобилна, во план е вакви контроли да се вршат и на самата граница, секако во соработка со Царинската управата“, додаде директорката на ДПИ. 

    НАЈНОВИ ВЕСТИ