среда, април 24, 2024
spot_img
Повеќе

    Се поизвесно е оти струјата ќе поскапи за најмалку пет проценти

    Ако Регулаторна комисија за енергетика и водни услуги (РКЕ) ги прифати барањата на енергетските компании, цената на електричната енергија ќе се зголеми за најмногу 5%, но под услов ЕСМ да не ја поскапи струјата што ја продава на универзалниот снабдувач.

    Според доставените пресметки до регулаторот, МЕПСО, чиј удел во крајната цена на струјата е 3,5%, за сопствената цена бара покачување од 143%, додека Електродистрибуција, чиј удел во формирањето на крајната цена е 36%, бара покачување од 0,95%.

    Или, пресметано во пари, ако Регулаторна ги прифати нивните барања, за сметка од 1.000 денари ќе има покачување од најмногу 50 денари, односно 5%. За барањата на енергетските компании, РКЕ ќе одлучува кон крајот на јуни.

    Претседателот на РКЕ Марко Бислимоски вели дека  Регулаторната комисија може да влијае само на 38 отсто, но не и на останатите 62 процента од сметката што ја плаќаат граѓаните и малите фирми до 50 вработени или со до два милиони евра годишен приход, кои имаат право да останат на регулираниот пазар.

    Како што истакна Бислимоски на денешната средба со новинарите, МЕПСО побарал зголемување на цената за пренос на електрична енергија од 143 отсто,  Националниот енергетски маркет оператор (НЕМО) за организирање и управување на пазарот на електрична енергија побарал зголемување за 45 отсто, а Електродистрибуција зголемување за 0,95 отсто на цената за дистрибуција на електрична енергија. ЕВН хоум до РКЕ доставила само барање за маржа но, како што рече, не може да излезе со цена бидејќи во јуни треба да го објави јавниот тендер за набавка на електрична енергија за потребите на регулираниот пазар до крајот на годинава. На овој тендер ЕСМ има обврска да понуди 70 отсто од потребните, а останатите ЕВН хоум да ги набави на слободниот пазар. Доколку цената што ќе ја понуди ЕСМ биде повисока, ЕВН хоум може сите потреби да ги задоволи на слободниот пазар.

    Бислимоски истакна дека ЕСМ во првите четири месеци од годинава нудел 70 отсто од потребите на ЕВН хоум за регулираниот пазар по цена од 38,8 евра за мегават час, а останатите 30 проценти се набавени од други учесници на пазарот на електрична енергија меѓу кои и ГЕНИ со просечна цена од 60 евра за мегават час.

    Во моментов во земјава цената на електричната енергија на регулираниот пазар е 4,81 денар за потрошен киловат час. Пониска цена плаќаат само граѓаните на Косово и тоа 3,7 денари и на Србија 4,7 денари за киловат час. Цената во Босна е 5,55 денари, во Албанија 5,66, Бугарија 6,13, Црна Гора 6,35, Хрватска осум денари, Словенија 8,91, Романија 8,97, Италија 13,69 денари, Австрија 12,93, Белгија 17,17, Данска 17,42 и Германија 18,71 денар за киловат час.

    Енергетската заедница има забелешка на начинот на кој се одредува цената на струјата во земјава и бара од РКЕ повеќе да на ја утврдува крајната цена на регулираниот пазар. Ваков начин на одредување на цената има и во Косово и Србија, а во останатите земји регулаторот само ги кажува маржите за пренос и дистрибуција, а универзалниот снабдувач набавува на тендер, а тендерската цена само се трансферира кон крајната цена.

    Последната одлука за цената на струјата беше донесена лани кога електричната енергија се покачи за 7.4 отсто.

     

     

    НАЈНОВИ ВЕСТИ