сабота, април 20, 2024
spot_img
Повеќе

    Општините ќе добијат средства за инвестиции во енергетски ефикасни објекти

    Проектот за енергетска ефикасност во јавниот сектор се спроведува со поддршка од Светска банка, при што фондот за единиците на локална самоуправа е 10,5 милиони евра

     

    Од 50 илјади до 750 илјади евра се сумите за кои општините во земјава ќе можат да аплицираат на јавниот повик за користење средства за инвестиции во општински енергетски ефикасни објекти. Вкупниот фонд изнесува 10,5 милиони евра, а повикот беше објавен пред една недела.

    „Инјектирање средства во проекти што имаат силна додадена вредност е од големо значење за заздравување на економијата, а понатаму и за забрзување на економскиот раст, истакна министерот за финансии Фатмир Бесими на инфо-сесијата за проектот за енергетска ефикасност во јавниот сектор, што се спроведува со поддршка од Светска банка.

    Целта на инфо-сесијата е општините да можат да се информираат за начинот на аплицирање на јавниот повик за користење средства за инвестиции во општински енергетски ефикасни објекти.

    „Овој проект е од големо значење од аспект на јакнењето на фискалниот капацитет на општините. Верувам дека многу брзо ќе лоцирате кај кои објекти во општината треба да се дејствува и дека ќе аплицирате за расположливите средства. Големиот интерес за овој проект дава добра слика дека сме подготвени да се соочиме со глобалните предизвици, како што се одржливост на енергетската иднина и здрава животна околина“, истакна Бесими.

    На настанот свое обраќање имаше и директорот на Светска банка за С Македонија, Масимилијано Паолучи, кој информираше дека една од главните цели на овој проект е да се создаде одржлив финансиски механизам што ќе овозможи зголемување на енергетски ефикасните инвестиции во јавниот сектор. 

    „Воспоставување фонд за енергетска ефикасност, што се планира во рамки на овој проект, како револвинг финансиски механизам, ќе овозможи поддршка на зголемени инвестиции чија цел е подобрување на енергетската ефикасност во јавниот сектор, а подоцна и во другите сектори. Овој револвинг механизам ќе овозможи фондот да продолжи со инвестициите во јавниот сектор, особено во општините, преку овозможување континуирано вложување во енергетска ефикасност откако ќе заврши проектот“, информира Паолучи. 

    Потенцира дека проектот, покрај енергетски заштеди, ќе придонесе и за креирање локални „зелени“ работни места. Како што рече, реновирањата на објектите и подобрувањето на квалитетот на јавното осветлување, вообичаено се изведува од страна на локалните компании. 

    Со потпишување договор со Министерството за финансии, 80 проценти од одобрените средства општината ќе ги добие како подзаем, додека останатите 20 отсто како грант.  Министерството за финансии, во рамки на средствата обезбедени за избраните проекти, ќе ги покрие и трошоците за подготовка на енергетска ревизија и за техничка документација за проектите.

    Претставниците на општините истакнаа дека овој проект е од особено значење за нивните општини, како и дека во моментов ги дефинираат јавните објекти со кои ќе аплицираат на јавниот повик.

    Вкупната вредност на проектот за енергетска ефикасност е 25 милиони евра, при што дел од овие средства се наменети за енергетски ефикасни инвестиции во објекти на централната власт, во здравствениот сектор, како и за воспоставување фонд за енергетска ефикасност. 

    НАЈНОВИ ВЕСТИ