Во овој сектор има пораст од 31 отсто, за разлика од други сектори каде што има и пад или помал раст во споредба со лани
Индустриското производство во март годинава во земјава, во однос на истиот месец лани, бележи раст од 7,6 отсто, а за првите три месеци годинава во однос на првиот лански квартал, пад од 6,1 проценти, објави Државниот завод за статистика.
Притоа, во секторот снабдување со електрична енергија, гас, пареа и климатизација, во споредба со лани, има пораст од 31 отсто, за разлика од други сектори каде што има и пад или помал раст. Така, на пример, во сектрот рударство и вадење камен во март 2021 година, во однос на март 2020 година, има опаѓање од 2,3 отсто, а преработувачката индустрија бележи пораст од 6,2 проценти.
Според главните индустриски групи, производството во март 2021 година, во однос на март 2020 година, бележи пораст кај интермедијарни производи, освен енергија за 20,3 отсто и нетрајни производи за широка потрошувачка за 7,6 отсто, додека опаѓање бележи кај енергија за 1,9 отсто, капитални производи за 0,5 отсто и трајни производи за широка потрошувачка за 2,8 отсто.