среда, април 24, 2024
spot_img
Повеќе

    Северна Македонија и официјално стана дел од проектот Александруполи

    Меморандумите за соработка беа потпишани денеска во Скопје меѓу енергетските компании од С Македонија и Грција

     

    С Македонија официјално станува дел од проектот за изградба на терминал за течен природен гас и гасна централа во Александропули, Грција, со што се очекува стабилно  снабдување со овој еколошки енергенс во земјава.

    Меморандумите за соработка беа потпишани денеска во Скопје меѓу енергетските компании од двете држави.

    Државава ќе учествува со 25 проценти во гасната централа со капацитет од 800 мегавати, а проценетата инвестиција е повеќе од 380 милиони евра. Планот е до 2023 година да бидат пуштени гасниот терминал и гасната станица.

     

    Според вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи,  со оваа инвестиција се обезбедува резервирање на капацитети за сигурно снабдување на земјата со гас, без ризици во следните 15 години.

    „Со ова, значително ќе се зголеми снабдувањето со природен гас во државата и во регионот, имајќи предвид дека нашите планови вклучуваат и нови гасоводни врски со Косово, Албанија и Србија. Со поврзувањето со земјите од Западен Балкан, Северна Македонија ќе стане транзитна рута на природен гас, а целта е таа да стане дел од енергетскиот хаб на Балканот“, рече Битиќи.

    Извршниот директор на „Копелузос груп“, Христос Копелузос очекува дека две и пол години земјава да почне да добива енергија од сопствена гасна централа во Александропулос по многу компетитивни цени.

    „Заедно ќе развиеме ултра-модерна и максинално енергетски ефикасна централа, што ќе ја зголеми енергетската безбедност, ќе ја намали цената на струјата и ќе ја зголеми компетитивноста на бизнисот и граѓаните во вашата земја“, рече Копелузос.

    Заблагодарувајќи се на поддршката од САД за развивањето на новиот енергетски пазар, премиерот Зоран Заев посочи дека со приклучувањето кон овој енергетски проект, земјата повеќе нема да биде краен корисник на природен гас од само еден извор, туку ќе биде важна транзициска рута за природен гас во цела Југоисточна Европа.

     

    „Нашето вклучување во изградбата на терминалот за течен природен гас ќе создаде можност за трајно, стабилно снабдување со природен гас за земјата, од каде што потоа гасот ќе се дистрбуира пошироко во регионот. Целта на Владата е имплементирање на зеленото сценарио, како најприфатливо за развојот на земјата кое треба да обезбеди економски и еколошки придобивки“, истакна Заев.

    Министерот за економија Крешник Бектеши оцени дека овие проекти се од клучно значење за развој на енергетскиот сектор, а придобивки ќе имаат и граѓаните, компаниите, животната средина и општеството во целина.

    Заменик-претседателот на „Гастрејд“, Коститс Сифнеос, посочи дека гасниот терминал во Александропулос е уникатен проект, не само за Грција, туку и за целиот регион на Балканот кој нуди безбедност и диверзификација на испораката на гас.

     

    НАЈНОВИ ВЕСТИ