четврток, март 28, 2024
spot_img
Повеќе

    Северна Македонија се приклучува на гасоводот од Грција

     

    Северна Македонија ќе учествува во изградбата на терминал и гасна централа за течен природен гас Александропулос.

    Потребата од склучување меморандуми за реализација на проектите Терминал на течен природен гас Александропулос и Гасна централа Александропулос, односно за вложување од страна на Северна Македонија во овие меѓународни проекти ја разгледа и усвои Владата вчера на 53. седница.

    Вложувањето е дел од проектот за воспоставување нов енергетски пазар што ќе го предводи Грција за прием на природен гас, а земјава ќе увезува и ќе биде дистрибутивна точка во регионот со оглед на географската поставеност.

    Електрани на Северна Македонија (ЕСМ) и Национални енергетски ресурси (НЕР), компанијата која ги гради магистралните гасоводи во С Македонија, ќе склучат меморандуми за реализација на овие меѓународни проекти.

    „Станува збор за Меморандум за соработка помеѓу „НЕР АД“ Скопје и „Копелозу Груп“ и Меморандум за соработка помеѓу „АД ЕСМ“ и „Гастрејд С.А.“ за закуп на капацитет во ЛНГ Терминалот, како и Меморандум за соработка помеѓу „АД ЕСМ“ и „ДАМКО ЕНЕРЏИ С.А.“ за стекнување на 25% удел во Александрополис Електрисити Продукшн С.А“, соопшти Владата.

    За сите следни активности за реализацијата на овие проекти задолжени се „НЕР АД“ Скопје и „АД ЕСМ“ редовно да ја информираат Владата.

    Северна Македонија вложува во меѓународните проекти Терминал на течен природен гас Александропулос и Гасна централа Александропулос. Повеќе нема да бидеме краен корисник на природен гас од само еден извор, туку Северна Македонија ќе биде важна транзитна рута за природен гас во цела Југоисточна Европа преку новите гасоводни интерконекции со нашите соседи, сподели премиерот Зоран Заев на својот ФБ профил.

    Развивањето на новиот енергетски пазар и учеството на Северна Македонија во него беше најавено лани во октомври, при посетата на помошник-државниот секретар за енергетика на САД Френсис Фенон. По средбата со премиерот Зоран Заев, Фенон кажа дека регионот во моментов има еден добавувач на енергија.

    НАЈНОВИ ВЕСТИ