петок, април 19, 2024
spot_img
Повеќе

    Производството на електрична енергија од јаглен да се замени со производство на електрична енергија од обновливи извори

    Зеленото сценарио во ажурираната Стратегија за развој на енергетиката до 2040 година е најоптимално за развојот на земјата, а за енергетската транзиција предвидена во него неопходни се инвестиции од 800 до 900 милиони евра на годишно ниво до 2040 година, е главниот заклучок од вчерашната конференција „Визија за енергетска транзиција 2040“ на Проектот „Развој на програма за имплементација на Националната стратегија за развој на енергетиката“, финансиран од Британската амбасада Скопје преку Фондот за добро управување (GGF).

    Целта на проектот е да се даде поддршка на Владата во ревизија на Стратегијата за развој на енергетиката до 2040 година и изработка на Програма за имплементација на Стратегијата во наредниот петгодишен период.

    Претседателот на Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги (РКЕ), Марко Бислимоски смета дека е неопходно чекор по чекор да се оди со енергетската транзиција. „Ние сите целиме кон реализација на зелено сценарио, односно производство на електрична енергија од сонце, вода и ветер, но мора тоа да биде постепено. Во моментов струјата од обновливи извори чини 105 евра за мегават час, додека цената на ЕСМ кон Универзалниот снабдувач е 38,8 евра. Притоа од ОИЕ во нашата земја не може да се произведе базната енергија која е клучна за стабилноста на електроенергетскиот систем. Обновливите извори се добри и пожелни, но не може енергетскиот систем да се води исклучиво на таквите извори“, вели Бислимоски.
    За да се обезбеди стабилноста на електронергетскиот систем, мора да се задржат неколку термоелектрани кои би работеле на гас, додава Бислимоски.

    Според најавите, АД ЕСМ планира до 2024 година да го исклучи првиот блок од најголемиот енергетски капацитет во земјава, РЕК Битола и наместо него да се изгради когенеративна гасна електрана со моќност од 250 мегавати, додека другите два блока да се модернизираат и тоа до 2023 година со темелна реконструкција на електростатските филтри. До 2026 година во план е целосна десулфуризација и декарбонизација со што ќе им се продолжи векот на траење, но и ќе се подобри еколошката прифатливост и ќе се задоволат европските стандарди. Се планира и целосно затворање на ТЕЦ Осломеј и изградба на фотоволтаични електрани на просторот на термоцентралата со инсталирана моќ од 100 мегавати, како и претворање на ТЕЦ Неготино во гасна електрана и зголемување на моќта на ветерниот парк Богданци. Соларни електрани ќе се прават во близина на сите постоечки објекти.

    НАЈНОВИ ВЕСТИ