четврток, март 28, 2024
spot_img
Повеќе

    Маратонската собраниска седница за „Макпетрол“ заврши во 7 часот наутро без гласање

    Утринава во 7 часот заврши една од најдолгите седници во историјата на Собранието на која се расправаше за предлогзаконот за решавање на спорот помеѓу Владата на Македонија и „Макпетрол“ АД по пат на спогодба, по скратена постапка. Сите пријавени 39 дискутанти од опозицијата завршија со своите расправи, но гласање околу точката немаше затоа што немаше ни доволен број пратеници во салата. Во раните утриснки часови на собраниската седница, освен пратениците на ВМРО-ДПМНЕ и Левица од страна на владеачкото мнозинство не беше присутен речиси ниту еден пратеник, освен министерот за транспорт и врски Благој Бочварски кој е повереник на Владата. Продолжувањето на седницата ќе биде дополнително закажано.

    Ова законско решение предвидува да му се признае на „Макпетрол“ сопственост на 50 отсто од гасоводот во земјата и да му се исплати цена од 33 милиони евра и со тоа државата да ја има целата сопственост.

    Во текот на расправата пратениците од опозицијата со говори, реплики и контрареплики се обидуваа да го спречат донесувањето на овој закон. Тие сметаат дека не може да има закон за спор зашто тој се решава со медијација и во судовите. Не смее, нагласија, Собранието да прерасне во квази суд, бидејќи тоа е надлежно само за ратификации на договори. Тие очекуваат претседателот Стево Пендаровски да стави вето ако овој закон сепак биде изгласан.

    „21 час непрекината битка во Собрание. Власта не успеа да го изгласа спорниот законот за преценета продажба на ГА-МА. Ќе се обидат пак деновиве, но оваа битка во текот на два дена, две ноќи и едно утро покажа дека против ВМРО-ДПМНЕ власта не може“, напиша на фејсбук потпретседателот на ДПМНЕ и пратеник Александар Николоски.

    Власта, пак, аргументираше дека на овој начин државата ќе стане сопственик на витален ресурс, што автоматски носи поефтин гас и позитивни еколошки ефекти.

    Додека траеше расправата во Собранието премиерот Зоран Заев во интервју на „Канал 5“ рече дека преземањето на гасоводот во целосна државна сопственост е неопходен услов да се изгради интерконекторот со Грција, „да добиме евтин гас, да имаме екологија во државата, да имаме поевтина енергија и да ни бидат поконкурентни компаниите, да се греат домаќинствата на повтини енергенси. Има мал милион аргументи“. Според него, Европската енергетска заедница ги потврдила и цените и вештачењето, како и вредноста на имотот. ЕЕЗ вчера пуштила и писмо до парламентот,  кое за опозицијата не беше некаков аргумент што би бил должен за внимателно разгледување.

     

    НАЈНОВИ ВЕСТИ