четврток, април 25, 2024
spot_img
Повеќе

    Заврши главниот дел од реконструкцијата на „Вруток“

    Од ЕСМ велат дека со санацијата на вертикалната шахта од Шарскиот довод, а во 2021 година со санација на вертикалните шахти од Јеловски довод, ќе се реши проблемот со загуба на вода што трае од 2010 година и ќе се овозможи поголема функционалност на електраната

     

    Заврши главниот дел од реконструкцијата за санирање на водостанските шахти на хидроелектраната „Вруток“ во рамките на ХЕС Маврово, во вредност од три милиони евра.

    Од Електрани на Северна Македонија информираат дека овој зафат се провлекувал како неопходност  во последните десет години,  но дека сега ќе се овозможи драстично намалување на загубите на вода, зголемување на производството, заштита од ерозија на околниот реон, како и заштита на Вардар о заматување.

    „Преку овој зафат, кој е специфичен и тежок за изведување, се направи санација која ќе овозможи да не се губат повеќе 11 до 12 милиони кубни метри  вода годишно како досега, или попрецизно како енергија 17 до 18 GWh електрична енергија, кои претставуваат 600 до 700 илјади евра неостварена добивка секоја година, токму поради загубата на вода“, велат од ЕСМ.

    Од компанијата додаваат дека проблемот со појавените извори под затворачница-XIX биле особено изразени во март 2010 година, кога биле зголемени од претходните 22 литри во секунда на 62 литри во секунда, за во 2014 да дојдат до 250 литри во секунда и конечно во 2016 година од 350 до 400 литри во секунда.

    „Со санацијата на вертикалната шахта од Шарскиот довод, која заврши пред две недели, а во 2021 година со санацијата на вертикалните шахти од Јеловски довод, ќе се реши проблемот со загуба на вода што трае од 2010 година и ќе се овозможи поголема стабилност и функционалност на електраната“ се наведува во соопштението.

    Од ЕСМ потенцираат дека овој проект, покрај стабилност на производството, постигнал и безбедност на системот и на човечките ресурси, како и продолжување на работниот век на електраната.

    НАЈНОВИ ВЕСТИ