четврток, април 25, 2024
spot_img
Повеќе

    С Македонија ја доби првата фотонапонска централа

    Централата што ја инсталираше ЕВН во Неготино истовремено произведува електрична енергија и од сонцето и од одблесокот на светлината

     

    Првата фотонапонска централа во земјата, која истовремено произведува електрична енергија и од сонцето и од одблесокот на светлината, ја инсталираше ЕВН Македонија во Неготино.

    Централата, како што се тврди, е изградена за помалку од четири месеци и е дел од најсовремените светски технологии, така што панелите се бифацијални. Тие во горниот дел  акумулираат светлината од сонцето, а во долниот дел  акумулираат одблесок на светлина од рефлектирачки материјал кој е поставен под панелите.

    Фотонапонската централа е составена од 4 416 панели со моќност од 335 W односно има инсталирана моќност од 1 479 кW и капацитет од 2,1 GWh за годишно производство на струја од обновливи извори на електрична енергија.

    Оваа фотонапонска централа е резултат на соработка меѓу државниот и приватниот сектор.

    „Вложуваме во проекти кои се наменети за заштита на животната средина и особено за намалување на загадувањето. За рекордни четири месеци, успеавме да направиме позитивна промена за подобра енергетска иднина на земјата и за здравјето на граѓаните“ , изјави претседателот на Управниот одбор на ЕВН Македонија, Штефан Петер, на  денешното официјално отворање на централата.

    Проектот се реализираше во рамки на стратегијата за „Зелена енергија“на Владата и   јавниот повик на Министерството за економија.

    „Имаме во изобилство сончева енергија. Ние сме земја со 280 сончеви денови годишно и најквалитетен ’пик’ на сончева енергија“, рече премиерот Зоран Заев.

    Министерот за економија Крешник Бектеши, пак, ја истакна важноста да се инвестира во обновливите извори на енергија.

    „Министерството за економија, како надлежно за политиките во делот на енергетиката, ќе продолжи да поддржува активности за промоција на обновливите извори на енергија и поттикнување енергетската ефикасност, со цел реализација на зацртаните цели за учеството на обновливите извори на енергија утврдени во стратешките документи во насока на постигнување на национална цел за заштеда на енергија“, рече Бектеши.

     

    НАЈНОВИ ВЕСТИ