петок, април 19, 2024
spot_img
Повеќе

    Ќе се врати ли во живот ТЕЦ „Неготино“ со американски пари

    Изјавата на премиерот Заев дека „Џенерал електрик“ е заинтересиран за ТЕЦ „Неготино“ поттикна многу многу надежи околу иднината на термоцентралата која служи како ладна резерва на домашниот електроенергетски систем 

     

    Енергетскиот објект во срцето на Македонија, термоцентралата „Неготино“ би можел да се разбуди од повеќегодишната хибернација и повторно да заживее во вистински американски сон, доколку се реализираат најавите дека големиот конгломерат „Џенерал електрик“ би можел да инвестира во централата, а мазутот ќе го замени со гас, пишува порталот „Независен“.

    „Дефинитивно очекуваме инвестиции за големи проекти кои што ќе дојдат и надвор од државата. Во моментов преговараме за гасни електрани со ‘Џенерал електрик’, поголеми од 800 мегавати кои сами по себе се 400 милиони евра. Дел од продажбата ќе биде и ТЕЦ ‘Неготино’ каде што очекуваме јавно приватно партнерство, или целосно продавање од страна на државата, заради инвестиција на гасна централа, која што во иднина исто би била димензионирана на централа на хидроген“, изјави завчера премиерот Зоран Заев при презентирање на Предлог-буџетот за 2021 година, откако овој документ беше усвоен на владина седница.

    Оваа изјава на премиерот поттикна многу прашања околу иднината на термоцентралата и која освен производство на електрична енергија кога работи, претставува и голем извор на загадување поради енергенсот што го користи – мазутот.

    Делумно поради тоа, а повеќе заради нерентабилното производство, ТЕЦ „Неготино“ со години е надвор од функција (последните 11 години не е во производство) и преставува ладна резерва на македонскиот енергетски систем. Се вклучува само во крајна нужда, кога треба да се покријат потребите кои инаку не можат да се обезбедат од домашните капацитети или со увоз на електрична енергија.

    Изградена во далечната 1978 година ТЕЦ „Неготино“ со моќност од 195 мегавати (максимално 215 мегавати – речиси колку еден блок на РЕК „Битола) е вистински „голтач“ на мазут – дневно може да преработи 1.200 тони од ова нееколошко и скапо гориво и да произведе 4.680 мегават-часови електрична енергија, доволно да се задоволат 20 отсто од домашната потрошувачка на струја.

    Но, и покрај тоа, термоцентралата во изминатите години буквално хибернира, бидејќи мазутот како гориво е скап, а со тоа и произведената струја што го прави нејзиното рабоење нерентабилно. Дури и да се тргнат на страна еколошките аспекти – цената на струјата е толкава што повеќе се исплати таа (струјата) да се увезува, наместо да се стави во погон термоцентралата, велат енергетичари.

    Од друга страна, нејзиното чување како ладна резерва повлекува и ангажирање на голем број вработени – над 200 лица, што сето заедно ја чини државата (односно ЕСМ и МЕПСО) годишно околу 3 милиони евра. За овие четириесетина години колку што постои произлегува дека до сега се издвоени огромни 120 милиони евра.

    НАЈНОВИ ВЕСТИ