вторник, април 16, 2024
spot_img
Повеќе

    Враќање во Парискиот договор и контрола на стакленичките гасови – приоритети во енергетската политика на Бајден

    До 2030 година, на патиштата во САД би можело да има четири милиони електрични возила, близу 60 проценти повеќе отколку да останеа правилата на администрацијата на Трамп

     

    Враќање во Парискиот договор за климата и контрола врз стакленичките гасови се дел од приоритетите во енергетската стратегија на новоизбраниот претседател на САД Џо Бајден, која ќе биде насочена кон решавање на заканите од климатските промени.

    Бајден на американските гласачи им понуди радикално поинаква визија за енергетската политика од онаа на досегашниот претседател Доналд Трамп, се наведува во анализа на консултантската куќа „Вуд Мекензи“, глобална група за истражување и советување за енергетика, хемиска индустрија и рударство.

    Во анализата се посочува дека Бајден ќе влезе во Белата куќа со цел да ги постави САД на курсот на „нето нула“ емисии на стакленички гасови до 2050 година и да се врати земјата во Парискиот договор за климата.

    Во анализата, сепак, се предупредува и на големите шанси републиканците да ја задржат контролата врз Сенатот, со што ќе имаат можност да го ограничат постигнувањето на енергетските цели на Бајден.

    Потпретседател на консултантската куќа Вуд Мекензи, Ед Крукс, вели дека трендовите на пазарот најверојатно ќе имаат клучно влијание врз обликувањето на енергетската индустрија во САД, исто како и во времето на Барак Обама и на Трамп.Но оценува дека промената на сојузната влада ќе има некои значајни новини, како што се стимуланси за морски ветроелектрани.

    Од друга страна, Крукс очекува ограничувања за нафтените и гасните сектори и потсетува дека Бајден вети дека ќе ги заостри правилата за издавање федералните дозволи за нови нафтено-гасни проекти на јавни земјишта и води. Бајден планира да воведе построги стандарди за заштеда на гориво, што според анализата ќе помогне во продажба на електрични автомобили.

    До 2030 година, на патиштата во САД би можело да има четири милиони електрични возила, како резултат на тие стандарди, речиси 60 проценти повеќе отколку да останеа правилата на администрацијата на Трамп. Сепак, додаде тој, влијанието на овие случувања врз побарувачката на гориво во САД ќе биде минимално оваа деценија, бидејќи четири милиони електрични возила претставуваат само околу 1,5 проценти од вкупно 275 милиони возила што се очекуваат на патиштата во САД во 2030 година.

    Иако Бајден остро ја критикуваше одлуката на Трамп да се повлече од меѓународниот договор за иранската нуклеарна програма и вети промена на пристапот, тоа не значи дека тој брзо ќе започне со ублажување на санкциите воведени во 2018 година, според консултантската фирма Вуд Мекензи.

    НАЈНОВИ ВЕСТИ